Владимир Панчевски сам се пријавил во затворот во Шуто Оризари

Поранешниот претседател на Кривичен суд Владимир Панчевски од денеска е во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари откако самиот се пријавил по распишаната потерница по него. Тој се појавил во затворот на пладне, по што е ставен во притвор.

Основниот суд во Велес вчера распиша потерница по него откако полицијата не можеше да го најде за да биде ставен во 30-дневен притвор. Ова санкција му беше определна од велешкиот суд заради тоа што тој девет месеци не се појавил на судењето за случајот АКМИС и местењето предмети кај подобни судии во време кога бил претседател на кривичниот суд.

Панчевски пет дена не беше достапен за органите на прогонот кои го бараа во неговиот дом и на други локации и по што беше објавена потерницата.

Панчевски се товари дека во периодот од јануари 2013 година до септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.

Според сознанијата, судењето треба да продолжи на 24 јули.

Претходна вестВардар повторно пожолте кај Ново Лисиче, се бара виновникот
Следна вестМу дал 1000 денари на лице со здравствени проблеми за да гласа за одредена партија