Се сеќавате ли од кога се ветува дека ќе направат нов клинички центар? Локаци бараа, цртаа планови (еден е на фотографијата)…
Сега најново е дека македонскиот министер за здравство Фатмир Меџити вчера имал нова средба поврзана со изградбата на новиот клинички центар во Скопје во текот на работната посета на Велика Британија.
-Министерот Меџити работната посета на Обединетото Кралство ја заокружи со средба со директорот на Агенцијата за извозни кредити на Владата, Тим Рид. Повод за овој работен состанок беше дефинирање на начинот за финансирање на проектот за изградба на новиот Универзитетски клинички центар, соопшти нашето Министерство за здравство.
Во соопштението се додава дека изминативе денови, за планирањето на следните активности за новиот клинички центар, Меџити оствари средби и со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс, главниот оперативен директор на „Интернатионал Хоспиталс Гроуп“ (ИХГ) Симон Ешворт, заменик-шефот на одделот за здравство во Министерството за бизнис и трговија, Дејвид Шепард, како и со министерот за извоз, оддел за бизнис и трговија, Лорд Малколм Офорд од Гарвел….
-Во фокусот на средбата беше планирањето на следни активности за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Ќе се формира работна група составена од претставници од повеќе министерства, кои ќе имаат различни надлежности во однос на проектот, а како следен чекор што ќе се преземе е ревизија на веќепостојната студија за изводливост, се наведува во соопштението.
Очигледно, министерот Меџити, кој во јуни годинава изјавуваше дека новиот клинички центар е проект што останува како приоритетен во неговиот фокус, на свој начин го тера овој проект.
Сега кругот на можните партнери за изградба на новиот центар, очигледно, се стеснува на Велика Британија. Што и како планира Меџити би требало да и објасни на македонската јавност со оглед на тоа што со британските партнери веќе се збори и за „начинот на финансирање на новиот клинички центар“.
Што тоа значи? Се планира да се побара и добие кредит? Колку пари, по кои услови…?
Колку за потсетување, пред две години владеачката партија СДСМ во македонското Собрание достави предлог на закон за изградба на нов универзитетски клинички центар со кој беше предвидено задожување на земјата од околу 500 милиони евра за градбата во Ѓорче Петров. Но, најголема опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ со околу две илјади амандмани го блокира носењето на тој закон бидејќи има сосема друг концепт за клинички центар. Наместо еден, опозицијата предага интергиран систем од 4 клинички центри и тоа: Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, Универзитетска клиничка болница Штип и Универзитетска клиничка болница Тетово… Тоа доволно зборува дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат дијаметрални разлики околку концептот на подобрувањето на системот на здравствените институции.
Знае ли за ова Меџити кога со британските партнери договара кредити и студии, ја обезбеди ли и согласноста на опозицијата за тоа?
Ова за да не се случи тој да направи некаков договор, да плаќа студии и дава гаранции, а потоа во нашиот парламент да биде блокиран целиот процес, сосе предвиденото задолжување. Македонија веќе го има горко искуство со поништувањето на договорот за клинички центар кој го направи ВМРО-ДПМНЕ пред шест години и за што сега ни се бара отштета од околу дваесетина милиони евра. Такви епизоди не ни се потребни пак.