Власта потроши 16 милијарди евра, а на Македонија и остави само камен темелници

Пробувам да се сетам на нешто крупно што властите изградија, но не ми текнува. А друго ќе беше ако ја направеа гасификацијата, барем до половина да го направеа Клиничкиот центар или автопат… Испадна дека огромни народни пари се арчеа, а ништо не изградија, ни вели скопјанката Елена

 Владата на ДУИ и СДСМ предводена од премиерот Димитар Ковачевски заминува во историја. А историјата, или запишува за долго сеќавање, или „брише“ оти нема што вредно да запише. Има ли позитивна причина оваа влада да влезе во историјата?

Колку, всушност, сработила досегашната влада која ја водеа Зоран Заев од 2020 до 2022 година и сегашнава (која заминува) што ја води Ковачевски од јануари 2022 до јануари 2024 година? Нивните програми речиси и да беа исти. Исти беа и многуте ветувања дека ќе се направи – изгради безброј објекти низ Македонија. Во мандатот имаа на располагање и огромни буџети полни со милијарди евра. Ги реализираа ли ветувањата?

-Не, досегашната Влада не го исполни најголемиот дел од нејзините изборни ветувања. Која е причината? Таа е во тоа што во Владата само за себе мислат, а не и да биде подобро со нови патишта, железница, здравството, економијата…, ни вели Ленче Мишева.

 Каде отидоа огромните суми државни пари?

Кога по предвремените избори во 2020 година заседна во премиерскиот кабинет тогашниот премиер Зоран Заев даваше куп ветувања.

-Веќе немаме отворени етнички прашања, најавувам посветеност на економијата, ќе имаме европско образование, здравство…, најавуваше тој.

Во изборната програма, кога се работи за градењето се ветуваше– изградба на нов универзитетски клинички центар, реконструкција и изградба на болниците во Штип, Кичево, Битола, Тетово…, топлификациски систем Битола – Новаци – Могила, парно греење за скопските населби Чаир, Бител, Скопје Север, изградба на 14 затворени пливачки базени, изградба и реконструкција на студентски домови, железничка пруга кон…, автопат Кичево – Охрид, Скопје – Блаце, Велес- Прилеп – Битола…

Што од ова македонските граѓани сега може да го видат како направено или барем до половина изградено?

Државниот буџет за 2020 година изнесуваше 3,5 милијарди евра, а во 2021 година – 3,4 милијарди евра, односно, за капиталните инвестиции се наменуваа по повеќе стотици милиони евра. Но, веќе по неколку месеци почнаа проблемите со проектите – застои, прекини на работата, обвинувања дека претходната власт лошо проектирала, свлечишта, откажувања на фирмите –изведувачи…

Кога седна Ковачевски во премиерската фотелја даваше уште пооптимистички најави – шест нови гранични премини, изградба и реконструкција на патишта од 1.000 километри, нов клинички центар, завршување на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар…

Оваа влада на располагање, пак, имаше државни буџети од 3,8 милијарди евра во 2022 и 5,2 милијарди евра во 2023 година. Односно, за цел мандатен период од 2020 до 2024 година 15,9 милијарди евра.

Каде отидоа овие огромни суми на пари? Голем дел од нив мораше да се за градење.

– Пробувам да се сетам на нешто крупно што властите изградија, но не ми текнува. А друго ќе беше ако ја направеа гасификацијата, барем до половина да го направеа Клиничкиот центар, како и новиот студентсдки центар кои го ветија или автопат. Но испадна дека огромни народни пари се арчеа, а ништо не изградија, ни вели скопјанката Елена.

-За време на четиригодишниот мандат се покажа дека се полоши од претходните. Го сменија името иако на референдум народот се изјасни за не, славеа некаков датум за почеток на преговори за влез за ЕУ, а од сето тоа ништо…, смета Гоги Апостолоски.

Се фалеа дека изградиле 1300 километри патишта

На истекот на мандатот власта малку се растрча, ама се гледаше дека, всушност, не се заврши ниту еден голем капитален објект. Иако се најавуваше крај на изградбата на автопатот Кичево – Охрид тоа пак ќе продолжува без да се знае до кога, исто како што не се знае кога ќе се изгради пругата кон Бугарија, автопатот кон Блаце… И она што се најавува како историска градба на четирите автопати од страна на „Бехтел и Енка“ и за што ќе треба да се издвојат 1,3 милијарди евра, никако да тргне брзо напред.

Затоа пак, почнаа да се редат скандали со неподготвеноста да се намалат зголемените функционерски плати на околу 130.000 – 160.000 денари, со силно зголемена корупција…

Во време на сето тоа, почна власта да кажува и по малку смешни работи околу изградбата на патишта. Па, така, во еден пропагнаден спот премиер Ковачевски наведе дека „биле направени 1.300 километри нови патишта во последните 5 години“.

-Не направија ништо добро туку напротив направија се што може најлошо за Македонија и Македонците. Ќе ја паметам по политичкиот прогон на неистомислениците и секако по промената на името на државата, ни вели граѓанинот Александар Цуцулов.

Историјата од сето ова изнесено се гледа дека тешко би ја впошала владата на ДУИ и СДСМ по некој градежнички – визионерски успех.

Што требаше да се гради?

Бројни градежни и други инфрастуктурни проекти беа предвидени за градба од страна на владата во заминување. Еве дел од нив:

  Продолжување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, Скопје – Блаце…

 – Реконструкција и изградба на патишта во должина од над 1000 километри…

– Гасовод до Битола и кракот кон Гостивар и Кичево, Велес – Свети Николе...

– Изградба на прва и втора делница од источниот крак на железничкиот Коридор 8…

– Отворање на 6 нови гранични премини со соседите

– Изградба на нов Универзитетски клинички центар

Изградба на нов клинички центар во Штип, нов објект во Општа Болница во Кичево

Секој граѓанин е задолжен со 4.538 евра

Напоредно со неостварувањето на ветените проекти во земјава растеше задолжувањето. Јавниот долг сега изнесува 8,3 милијарди евра или 57, 9 проценти од БДП. Односно, излегува дека секој  од 1,8 милиони македонски граѓани сега должи  4.538 евра. Инаку, кога актуелната коалиција дојде на власт во 2017 година затекна долг од 4,7 милијарди евра. Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кога дојде на власт во 2006 година најде долг од 1,8 милијарди евра.

 

Претходна вестМандатарот на идната преодна влада ги добил сите предлози од политичките партии за министри и заменици министри
Следна вест„Лајка“ стартува сo кампања за вдомување на бездомни кучиња по скопските населби