Власта правеше хаос во Македонија, ама хаосот им се врати во Владата

Власта со години предизвикуваше хаос во Македонија. Ама бумерангот им се врати и сега Владата им е во хаос. Веќе не се знае кој е министер пред разрешување, кој ќе ги гласа новите предлози, имаат ли мнозинство…

А се работи за техничка влада избрана пред неколку дена. И оваа влада требаше да мисли само на тоа како да се спроведат фер избори.

И што предизвика ваквата смешна состојба? Нормално – тажни работи за населението во Македонија.

Нема одлука за покачување на плати на медицински сестри и за останатиот здравствен персонал, нема одлука за катна гаража во Клиничкиот центар, нема колективни договори со вработените во Министерството за здравство и во Клиниката во Козле… Сето ова не се изгласа на владина седница од причина што веќе не се знае статусот на двајцата министри од редовите на Алијанса за Албанците, за здравство Фатмир Меџити и за информатичко општество Азир Алиу.

Внатрешните партиски пресметки го попречија носењето на овие одлуки на кои се чека за да некои важни состојби во Македонија се подобрат. Па нели е ова веќе ептен претерано несериозно?

На само три месеци пред избори тие сега почнаа директори да менуваат. И како тргнале нема само на ова да остане…

Беа ли, навистина потребни овие смени, во услови кога работењето на Владата треба да се насочи првенствено кон организација на изборите? Јасно дека не.

Зарем внатрепартиските потреби некому му се поважни од државните? Можат ли владеачките партии да бидат сериозни барем на крајот од мандатот? Па тие на избори ќе одат уверувајќи не дека се најсериозна групација на која треба да се даде гласот.

Време е да се вклучи светлото во Владата. Да се види кој е кој.

Претходна вестАнкета: Криминалот и корупцијата се најголем проблем за граѓаните
Следна вестМакедонските граѓани не можат да си дозволат нов автомобил: Лани продадени трипати повеќе половни отколку нови