Венко Филипче да собере храброст и да поднесе оставка, побара денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува дека Филипче нема кого не обвини за својата неспособност.
-Неспособноста на власта да се справи со епидемијата граѓаните ја плаќаат со своето здравје и со своите животи. Премногу долго Филипче се справуваше со заразата само со гол ПР, со статистички прес конференции, со флоскули дека сѐ е под контрола и заради тоа имаме катастрофална состојба. Вирусот се шири без контрола, никој не знае какви кластери има, граѓаните не можат да закажат тестирање, а за жал сѐ повеќе луѓе не можат да си обезбедат здравствена заштита и нега, потенцираат од оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Филипче и Зоран Заев имаа девет месеци да се подготват за есенскиот бран, арно ама ништо не сработија.
-Наместо мерки тераа политика, наместо заштита на граѓаните тие водеа политички маркетинг. Резултатот на тоа сега е држава која е црн рекордер во регионот и пошироко во Европа по број на заболени и смртност, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.