ВМРО-ДПМНЕ оценува дека кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити станало „дувло на непотизам“ и декабез соодветни критериуми се вработува кадар и на скопските клиники, иако станува збор за врвни здравствени установи од терциерно ниво кои треба да се синоним за квалитет во здравствениот систем.
– Директно во кабинетот на министерот за здравство работи ни помалку ни повеќе, туку сестрата на неговата сопруга. Покрај сестрата на неговата сопруга, во кабинетот работи и нејзиниот брат.По примерот на останатите семејни лози кои се вработуваат, како ќерката на екс пратеничката Мира Дизел, синот на директорот на Клиниката за урологија и ќерката на директорот на Клиниката за очни болести, во кабинетот на Меџити е ангажиран како советник на министерот и близок роднина на Арбен Таравари, претседател на партијата од која доаѓа Меџити, порачуваат од партијата.
Во меѓувреме, како што додаваат, додека се долги и комплексни процедурите за медицинскиот кадар кој работи повеќе години со договор на дело, Меџити вработува и унапредува административен кадар во ова Министерство, со однапред наместени огласи и процедури кои се нетранспарентни и не соодветствуваат на потребите на секторот како здравството.
– Главно за сите овие предизборни вработувања, унапредувања и наградувања во Министерството за здравство и пошироко во здравството, е дека помалку важниот коалициски партнер СДС, се задоволува со сооднос од 50% за вработувања на Македонци и 50% на административен кадар од ДУИ и Алијанса за Албанците. Ваквите неадекватни политики, негрижата за кадарот и неговиот квалитет граѓаните ќе ги прегазат на изборите што следат, а здравствениот систем итно ќе биде рестартиран, подвлекуваат од опозициската партија.