На зачестените најави за проекти од страна на градоначалникот Петре Шилегов денеска реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите велат дека Шилегов е најдобриот препишувач.
-Најпрвин ги копираше проектите на Данела, па половично презентирани ги претставуви како свои, а потоа отиде и чекор понатаму па почна да се фали со проектите на Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ, истакна Владимир Нелоски, претседател на Градски комитет на најголемата опозициска партија.
Тој потсети дека станбено деловниот комплекс на „Лимак”, инвестиција која ја потпишаа и договорија Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски уште во 2012-та година.
-Со оваа инвестиција инвеститорот се обврзува да направи подземна сообраќајница под целиот комплекс во должина од 800 метри. Подземната сообраќајница е само еден дел од проектот на подземна сообраќајница кај Јужен булевар, ВМРО-ДПМНЕ своевремено распиша тендер за проектирање на подземна сообраќајница од делот каде завршува подземната која ја гради „Лимак”, па до турбо кружниот тек кај Католичка црква со кружен тек на две нивоа кај Нова Македонија и кон Кисела Вода, од катната гаража до Рампа, каде треба да има исто така два кружни тека.
Шилегов не ги продолжи проектите за подземната сообраќајница кои што беа под ингеренции на Градот Скопје и која е обврска на Градот Скопје, туку се фали со привршување на подземната сообраќајница на делот кој е обврска на „Лимак”, инвестиција која што е донесена од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов продолжи и со презентација на турбо кружниот тек кај Момин поток, исто така проект на Коце, и таман помисливме дека Петре завршил, еве го денес повторно со уште еден проект од Коце, го копира Луна паркот, кој до сега ќе беше изграден да не беше тој, а не е направен се разбира токму поради Шилегов, потенцира Нелоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ имаат и порака до Шилегов – наместо да се фали со туѓи проекти, да каже до каде се другите два дела на подземната сообраќајница кај Јужен булевар, или до каде е тунелот под Кале, проекти кои што тој треба да ги изгради.