Артан Груби и Димитар Ковачевски го злоупотребуваат механизмот на гласање закони со европско знаменце за да крадат во име на ЕУ, што и штети и на државата и на нејзините граѓани, изјави денеска Велика Стојкова – Серафимовска, пратеничка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Таа во име на партијата реагира на денешната изјава на вицепремиерот Артан Груби за Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 и за законите што треба да бидат донесени во Собранието под европско знаменце.
-Нашата реакција е повторно во насока на одбрана на македонските граѓани од вакви катастрофални и вакви страшно високи пенали, што ќе треба да ги исплаќаат повторно граѓаните на Република Македонија. Притоа, Артан Груби и Димитар Ковачевски сакаат по брза постапка, без дебата во Собранието, повторно да донесат низа закони, кои се во спротивност со голем број правни начела и уставни одредби. Не може да биде европска вредност 60-часовна работна недела, која е спротивна на Устав, за која Уставен суд веќе има донесено одлука и истата е повторно спротивна на европските начела. Не може да биде европска вредност експресно доделување на дозвола за експлоатација на минерални суровини без строго предвидена постапка која опфаќа заштита на животната средина, археолошките локалитети, природни богатства и така натаму, изјави Стојкова Серафимовска.
Според неа, не може да биде европска вредност воспоставување на законски паралелизам.
– Носењето на законските измени по скратена постапка повторно под превезот на европско знаме е насилие и криминал, кој Груби и Ковачевски се обидуваат да го прават и во име на ЕУ, што е на целосна штета на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија во ЕУ. Артан Груби треба да знае дека криминалот не е европска вредност, како што тој сака да го прикаже. И Артан Груби и Димитар Ковачевски го злоупотребуваат механизмот на гласање закони со европско знаменце за да крадат во име на ЕУ, што и штети и на државата и на нејзините граѓаните и на репутацијата која што треба да ја градиме во позитивна насока, а не во насока на криминал. Од претставништвото на ЕУ во Македонија веќе потенцираа дека ги следат случувањата со договорот со „Бехтел и Енка“ и дека државата е должна да го почитува Договорот за стабилизација и асоцијација, што со други зборови значи овозможување на конкуренција и транспарентност на процесот, рече Стојкова – Серафимовска.