ВМРО-ДПМНЕ во последното соопштение ги обвини Артан Груби и неговите соработници од СДС за системско мешање во правосудството во текот на седумгодишното владеење на коалицијата. Според партијата, со притисоци врз судиите и обвинителите, судските одлуки се носеле под нивен диктат.
„Артан Груби, поддржан од СДС, со години влијаел врз судството. Судиите и обвинителите се бирале во партиските штабови на СДС и ДУИ, а одлуките што ги носеле биле под негов диктат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека Груби бил „алфа и омега“ во правосудните органи.
Од партијата прашуваат: „Колку одлуки биле донесени под диктат на Артан Груби, и колку предмети се спречени да стигнат до суд?“ и потенцираа дека најновите обелоденувања од САД ја потврдиле корупцијата, поставувајќи го Груби на црната листа поради вмешаност во незаконско влијание врз судските одлуки.
„Колку пари зел Артан Груби за да влијае врз судски одлуки? Со кого ги делел парите што ги спечалил на сметка на правдата?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека довербата на граѓаните во судството е во пад, најмногу поради вмешаноста на Груби и СДС во неправедното судење.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека сега, кога повеќе не можат да влијаат на судските одлуки, ДУИ и СДС се во паника. Тие обвинија дека им следи одговорност за сите криминални активности кои се случувале под нивно владеење, за што ќе мораат да одговараат.