На виделина излегуваат се повеќе докази дека во Македонија се води хајка против неистомислениците на Заев по принципот трас-трас пресуди, во кои власта на Заев те тужи, власта на Заев те суди, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата на најголема опозициска партија доаѓа по синоќешната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека осудените за 27 април „не се терористи и дека може да има ново судење ако се појават нови докази“.
-Хистеријата која Заев сака да ја предизвика е поради стравот дека во едно повторено судење за случајот со 27 – ми април може да излезат нови докази кои ќе фрлат нова светлина и нова вистина, а таа нова вистина е дека осудените сигурно не се терористи. Дополнително што за овој случај се појави и аудио материјал кој покажува дека главниот сведок на обвинителството е сериозно компромитиран. На крајот на краиштата кога можеше да се повтори судењето за случајот Монструм во кој свирепо беа убиени 5 лица, зошто да не се повтори и судењето на овој случај, се потенцира во соопштението
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека власта на Заев е длабоко загазена во криминал и е закрилник на криминалот и светски мафијашки босови на кои им давала официјални македонски пасоши со украден идентитет.
-Токму власта на Заев шурува со нарко картели кои добиваат поддршка и помош од високи полициски функционери именувани од оваа власт. Затоа оваа криминогена група предводена од Заев од петни жили се обидува да ја спречи правдата и мора со нови манипулации да се спаси од одговорност. Но одговорност ќе има и правдата ќе излезе на виделина, се наведува во партискиот став.