Стратегијата на Комисијата за заштита од заразни болести и на власта резултира со дебакл, односно со над 6.000 заболени за три недели, обвини денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение се наведува дека власта која менаџира со здравството имаше цело лето да се подготви за есенскиот бран на ковид, но со месеци ништо не е направено.
–СДСМ не инвестираше во нови болнички капацитети, медицинскиот персонал не доби дополнителна награда за својот труд и посветеност, односот на менаџментот на болниците со вработените е лош. Власта го фрли целото здравство во хаос. И сега кога немаме ден, а бројот на заболени да не е неколку стотина, власта не знае што да прави, пишува во соопштението.
Од партијата додаваат дека СДСМ политизираше сѐ, вклучувајќи ја и Комисијата за заштита од заразни болести, како и дека одлуките се политички, а не стручни.
–Комисијата за заразни болести, од почеток ја води погрешно работата, без план и стратегија, само да се задоволат апетитите на власта. Тоа предизвика Македонија да нема втор есенски бран, туку континуиран бран со пикови, кои се секој ден сѐ поголеми, стои во соопштението.