ВМРО-ДПМНЕ по судски пат ќе ја укинува одлуката за преименувањето на улиците во Скопје

Противзаконска е, и по судски пат ќе биде укината одлуката за преименувањето на улиците во градот, најави советничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Градскиот Совет.

Во соопштението се наведува дека ваквата одлука не смеела да биде донесена во овој период.

-Петре Шилегов направи противзаконска промена на имињата на улиците. Согласно Законот за именување на улици, мостови и инфраструктурни проекти ваква промена не е можна шест месеци пред одржување на избори и една година пред одржување на попис. Со ова Шилегов брутално го прегази законот. Воедно ја наруши и процедурата на носење на измените, ниту пак е дадена согласност од општините која е неопходна согласно законот, информираат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Тие најавуваат иницијатива по судски пат да биде укината оваа противправна одлука на градоначалникот на Скопје.

-Воедно оваа одлука на Шилегов значи и минимум 100 евра нова давачка на компаниите чие име на адреса се менува согласно новите одлуки на Советот. Со тоа Шилегов во едни тешки услови на здравствена и економска криза наметнува нови давачки и арач за граѓаните. Ова е недозволиво насилие кое нема да помине, соопшти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Советот на Град Скопје на последната седница ја утврди листата за дополнување на листата на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје и ја донесе одлуката за определување и промена на имињата на улици, мостови, плоштади на градското подрачје.

Претходна вестШто ни помогнаа кавгите на Пендаровски и Филипче?
Следна вестУбава акција: Во Кисела Вода бесплатно се собира кабастиот отпад