ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд пасошите и возачките дозволи да важат и по 12-ти февруари

Поднесовме претставки до Уставниот суд со кои би престанало да важи 12-ти февруари за важење на пасошите и возачките дозволи, соопштија денеска од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Наум Стоилковски, партиски портпарол, изјави дека поднеле претставки за проценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи (односно Член 3) и Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (Член 5) двата објавени во „Службен весник “ на 03.06.2021 година.

-Со овие претставки се бара Уставниот Суд да поведе постапка за оценување на уставноста на овие два члена. Дополнително во двете претставки се бара Уставниот суд да донесе Решение за времена мерка. Односно, согласно Деловникот на Уставниот суд, Уставниот Суд да го запре извршувањето на оспорените членови на Законите, се’ до одлучувањето дали се тие уставни или не. Двата члена, односно во двата закони се наведува дека патните исправи, односно возачките дозволи и возачките книшки, „кои го содржат натписот Република Македонија издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година“. Овие членови во двата закони се директно спротивни на Уставот, и тоа во членовите 8, 9, 11, 25 и членот 27 од Уставот, рече тој.

Според него, со прифаќање на предлогот за времена мерка до носење на конечна одлука, би престанало да важи 12-ти февруари како краен рок за важење на пасошите и возачките дозволи, наведено токму во оспорените членови. Тој очекува ажурност од уставните судии. Додаде дека имајќи ја предвид состојбата пред пунктовите за фотографирање и за земање на новите документи, имајќи ја предвид состојбата дека нема нови обрасци, МВР немаат можност да ги заменат документите до 12 февруари, како што предвидуваат овие два оспорени членови.

-Воедно, со одлука на Уставниот суд за времена мерка за овие два члена, односно за ограничување на рокот на важење на документи, ќе се избегне дополнително компликување и товар врз Собранието или пак непотребни билатерални комуникации со други држави. Личните карти не се опфатени за промена со краен рок 12ти февруари. Тие важат и понатаму за се што е потребно, па граѓаните да не се изложуваат на понижувања и турканици за промена на лични карти. Рокот е само за пасоши и возачки дозволи. Накусо, за овие три години СДС и ДУИ издавале документи со подолг рок на важење од она што го преземале како обврска во 2018 година, за сега, иако ги имале предвид податоците колку пасоши и возачки дозволи треба да се променат да не превземале навремени мерки и да се остави државата без потребниот број на обрасци во МВР. Ова е веќе видено, СДС и Оливер Спасовски ваква иста состојба предизвикаа и во изборната 2020 година пред техничката влада, само и само со една цел, на штета на граѓаните, товарот да го префрлат на техничкиот министер од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ, вели Стоилковски.

Претходна вестДемократски сојуз: Владата во заминување да го реши проблемот со личните документи
Следна вестЛевица: Етничките вработувања не престануваат, ДУИ ја приватизира државата