Од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и денес го повикаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да поднесе оставка.
– Спасовски пред еден месец тврдеше дека многу скоро ќе се открие извршителот кој стои зад лажните дојави за бомби кои шират страв и несигурност кај граѓаните. Од тогаш помина цел месец, а бројот на дојави се зголеми и освен јавни објекти цели на дојавите станаа и објекти за домување. Ова е веќе сериозен проблем. Со часови граѓани сред зима се надвор од дома затоа што надлежните не можат да го откријат сторителот или сторителите. Спасовски е должен да ги искористи сите домашни капацитети, но и странска помош за да стави крај на тероризирањето врз граѓаните, институциите и компаниите во Македонија. За каква стабилна безбедносна состојба говори Спасовски кога министерството кое го води нема апсолутно никаков успех во справувањето со оваа закана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ги наведуваат многуте скандали кои, како што велат, се поврзани со ова Министерство.
– Ако на ваквата континуирана трауматизираност на граѓаните се додадат другите скандали поврзани со МВР, тогаш Спасовски требаше уште вчера да си поднесе оставка. После скандал како кражба од депо со оружје во МВР, после доделени 215 пасоши на светски мафијаши, после доделувањето на државјанство на лице од црната листа на САД, после давање на тендер за софтвер на компанија од црна листа, после забошотување на скандалот со синот на Буши, после бркањето на полицајците од пункт во Арачиново, после неколку месечен неуспех да се открие кој стои зад лажните дојави за бомби, истакнуват од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека после сите овие скандали само човек без грам срам и Оливер Спасовски можат да останат на функцијата министер.