Владата на СДС и Димитар Ковачевски дала македонско државјанство и буквално го вдомила Александар Онишченко, украински политичар обвинет за перење пари кој е на црната листа на нашиот стратешки партнер САД поради мешање во претседателските избори, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Најголема опозициска партија смета дека овој скандал го подбива целиот безбедносен систем и институциите во државата и го руши кредибилитетот на Агенцијата за национална безбедност, директорување на Виктор Димовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Законот на Агенцијата за Национална безбедност е јасен, и доколку истиот се имплементирал Онишченко наместо да добие македонско државјанство, ќе добиел екстрадиција во Украина. Скандалозно е тоа што скоро две недели, институциите во државата не можат да откријат како Онишченко добил македонско државјанство, а премиерот Ковачевски наместо да побара одговорност од Димовски и веднаш да го разреши го испраќа за амбасадор во Франција. Уште поскандалозни се и изјавите на министерот Спасовски, дека тоа што Онишченко е на црната листа на САД не значи дека е криминалец, и дополнително ги урива позициите и негативно влијае на рејтингот на Македонија кај нашиот стратешки сојузник САД. Спасовски од „успешните реформи во безбедносниот систем“ може да се пофали само единствено на успешна соработка со белосветски мафијаши и издавање на македонски пасоши на криминалци и наркобосови, велат од партијата.
Од таму додаваат дека владата на СДСМ и Ковачевски води политика на двојни стандарди, од една страна дава пасош на лице на црната листа на САД, а од друга страна устата им е полна со презентирање на проевропски и прозападни вредности и принципи.
-Ова не се ниту проевропски, ниту прозападни принципи, ова е скандал од невиден размер и мора да има одговорност. Владата на СДС, Ковачевски, Спасовски и Димовски тотално го изгубиле компасот и покренување на постапка за одземање на пасошот е задоцнета реакција. Најмалку што треба е веднаш да си поднесат оставка и да распишат предвремени парламентарни избори. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не го обзнанеше пред јавноста овој скандал, се поставува прашање на уште колку вакви лица на црната листа на САД ќе им беа издадени пасоши од страна на АНБ? Владата на СДС и Ковачевски повеќе нема ниту капацитет, а ниту кредибилитет да продолжи да ја води државата и граѓаните. Потребни се промени и функционални институции кои ќе гарантираат за безбедноста на граѓаните и почитување на уставниот поредок на државата, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.