На конгресот на Европската Народна партија, на кој се избира предводник на листата на ЕПП за следните избори на Европскиот парламент кои ќе се случат оваа пролет, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи Урсула Фон Дер Лајен, актуелната претседателката на Европската комисија, најави Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Под мотото „Зајакнување, Зачувување, Заштита“ попладнево во романскиот главен град Букурешт започнува дводневниот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП), на кој треба да биде одобрен партискиот Изборен манифест и избран водечкиот кандидат на партијата за евроизборите во јуни годинава.
Андоновски: рече дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја покажува својата европска ориентираност и присуство на најважните настани во ЕУ.
-Овој конгрес се смета за најголемиот европски собир кој се случува затоа што станува збор за собир на најголемата партија во Европскиот парламент, тоа е Европската Народна партија, каде што ВМРО-ДПМНЕ е членка, рече Андоновски.
Андоновски истакна дека на Конгресот на ЕПП се избира предводник на листата на ЕПП за следните избори на ЕП кои ќе се случат оваа пролет.
-Не треба премногу да зборувам за важноста на настанот, туку што во вашето вклучување покрај нас на 3 метра помина Урсула Фон Дер Лајен претседателката на ЕК. Како и вие што кажавте активно учествуваме на овој конгрес. Многу е важен затоа што се избира водачот предводникот на листата на ЕПП за следните избори на ЕП кои ќе се случат оваа пролет. Тоа ќе биде токму Урсула Фон Дер Лајен и се очекува дека и ние ќе ја дадеме поддршката за вкупните случувања во ЕУ, за подобра ЕУ, за ЕУ која е ориентирана кон Западниот Балкан, ЕУ која вистински ќе се грижи за реформи, за економски реформи за напредок, но во исто време ќе ги вклучува и земјите од целиот Западен Балкан при што и Македонија, рече тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски како и секретарот за меѓународна соработка, Стефан Андоновски се во партиската делегација којашто ќе учествува на собирот.
Андоновски информираше дека на оваа посета ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари средба со претседателот на ЕПП Манфред Вебер, претседатели и премиери на држави од регионот и од Европската унија.