Заевизмот од 1-ви јануари ја поскапе електричната енергија за граѓаните за над 15%, како со базичното поскапување од 9,5%, така и со укинувањето на евтината дневна тарифа. Заевизмот ова го направи за да ја покрие со пари од народот својата неспособност и неодговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Марко Бислимовски послушникот на Заев и самиот Зоран Заев ја лажеа јавноста во октомври месец, непосредно пред изборите, дека нема да има поскапување на електричната енергија.
– Засега не гледам причини за корекција на цената на електричната енергија и нема причини за паника, велеше Бислимовски пред два месеци.
– Заев тврдеше дека не треба да се стравува од поскапување на цената на струјата, затоа што наводно биле превземени сите мерки.
А, ниту мерки се преземаа ниту бутур. Овие лаги ги кажуваа пред јавноста непосредно пред избори, за после тоа да уследи вистински ценовен шок и осиромашување на граѓаните. Вистината беше дека за цело време додека лажеа за некакви мерки немаше откопување на јаглен за домашно производство на електрична енергија, а и акумулациите беа празни. ЕЛЕМ оваа година имаше рекордно најмало производство на електрична енергија, потребите на Македонија беа покривани со скап увоз, иако домашното производство беше 4 пати поевтино од увозот. Но криминалот и корупцијата им беше поважно на пулените на заевизмот.
После локалните избори продолжија со нови лаги. Па од „нема да поскапи електричната енергија“ преминаа на „нема да има значително зголемување на цената на струјата“. Министерот Бектеши почна да зборува за поскапување до 10%, за потоа да почнат да најавуваат и укинување на евтината дневна тарифа. Да потсетиме дека токму евтината дневна тарифа беше помпезно најавувано како изборно ветување на СДСМ кое требаше да трае до влезот во ЕУ, а се покажа дека е само уште една лага на Заев и заевизмот, се наведува во партиското соопштение.
Оттука од 1-ви јануари 2022 електричната енергија вкупно поскапе за 15%. Ако се земат предвид и неколкуте претходни, заевизмот за само година и пол ја поскапе електричната енергија за цели 40%.
Заевизмот го уништува стандардот на народот, а во исто време го уништува енергетскиот систем во Македонија. Енергетските компании, МЕПСО и ЕЛЕМ се претворени во загубари, нема домашно производство на струја, туку истата нелегално се превзема од европскиот енергетски систем. Ете до кое дереџе се доведе Македонија со заевизмот. Одговорност мора да има за ова недомаќинско работење, за овој криминал и корупција, систематско осиромашување на граѓаните и уништување на енергетскиот систем кое ни го донесе заевизмот.