Од почетокот на 2024 година до ноември, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спровела околу 30.000 контроли во внатрешниот промет на храна, при што уништени се околу 50 тони небезбедна храна, издадени се 2.000 решенија за отстранување на неправилности и изречени околу 300 парични казни.
Досега, бројот на спроведени контроли достигна 117.465, а се очекува дека ќе биде надминат бројот од 125.909 контроли реализирани во 2023 година. Во втората половина на годината, интензивирани се вонредните инспекции, особено во институции кои работат со ранливи категории граѓани, како домови за стари лица и градинки.
Инспекциите при увоз на храна од неживотинско потекло вклучуваат 44.137 контроли, додека при увоз на материјали кои доаѓаат во контакт со храната, реализирани се 10.352 контроли. На граничните премини уништени се седум пратки со вкупно 74 тони небезбедна храна.
Во делот на здравствената заштита на животните, спроведени се повеќе од 14.000 контроли, издадени се 267 решенија за едукација и 136 наредби за отстранување на недостатоци. Според официјалните ветеринари, спроведени се 20.479 контроли на увоз на храна од животинско потекло, добиточна храна и живи животни, од кои 14 пратки биле небезбедни.
Од вонредниот инспекциски надзор на Одделението за заштита на потрошувачите, евидентирани се 317 иницијативи, најмногу за неодговорно сопствеништво на кучиња, сомнежи за труење со храна и присуство на контаминенти.