Во Аеродром ќе има народна кујна, субвенции за фасади, кровови и лифтови – прифатен предлогот на „Левица“

Во општина Аеродром ќе се отвора народна кујна. Воедно аеродромци ќе може да добиваат и субвенции за енергетски ефикасни фасади, кровови, прозорци и лифтови. Ова како предлог на „Левица“ вчера било едногласно усвоено од страна на сите 27 општински советници.

-Потребата за помош на најранливите категории на граѓани останува приоритет на советничката група на Левица Аеродром. Низ конкретни проекти и иницијативи мора да се тргне фокусот од профитот и да се насочи кон граѓаните, се вели во објавата на партискиот лидер Димитар Апасиев на Фејсбук.

Советниците на „Левица“ во Аеродром предложиле и бришење на маркица за изградба на паркинг во зеленилото кај воените кули во Стар Аеродром, но предлогот џентлменски го повлекле откако се поклопил содржински со дополнителна точка предложена од градоначалникот Тимчо Муцунски.

-На точката советнички прашања поставивме 27 прашања, каде меѓу најгорливите и приоритетни беа прашањата за прокиснатите гаражи позади ТЦ „Бисер“, за изградба на паркиралишта, за решението на бездомните кучиња, за управувањето на МЗТ Скопје, за узурпирањето на јавните површини и други кои можете да ги видите на линкот од седницата. Многу од прашањата доаѓаат директно од граѓаните, од остварените средби на советниците на Левица кои продолжуваат секоја седмица на различни локации во нашата општина, наведе во објавата Апасиев.

Претходна вестИ МПЦ има сериозни забелешки и прашања за пописот
Следна вестОсумдесет отсто од фактурите за струја се субвенционираат преку ЕСМ