По долгогодишното неплаќање во општина Арачиново годинава ги собра првите околу 100.000 евра по основ на локални даноци од жителите. Ова го соопшти општинскиот градоначалник Ридван Ибраими кој рече дека состојбата во која за Општината се велело дека не собира данок од жители е минато.
-Општина Арачиново годинава од вкупно 2.675 регистрирани домаќинства успеала да инкасира над 6 милиони денари по основ на локални даноци. Тоа во споредба со 2022 година е раст од 422 отсто, изјавил градоначалникот на настан организиран од УСАИД и на кој Арачиново било место посочено како „успешна приказна“
Но, на презентацијата не беше наведено колкав е процентот на домаќинства од кои не е собран данок на имот и други давачки.
-Арачиново не е веќе „црна овца“ туку денес добиваме пофалби и веќе се мериме со општини кои се многу поголеми и финансиски појаки од нас. Нашето домаќинско работење денес ги бележи првите позитивни резултати, благодарение на помошта и соработката со многубројни меѓународни организации, а посебно со УСАИД која во секој момент покажува спремност да ни помогне, рече Ибраими.
Преставникот на УСАИД, Бардил Марку за Арачиново говорел во суперлативи и ја нарече успешна приказна пофалувајќи ја во делот на фискалната транспарентност како општина со најголем раст во 2023 година.
Во април годинава граодначалникот Ридван Ибраими, кој победи на локалните избори во 2021 година, информира дека извршената државна ревизија во 2021 година покажала дека во оваа скопска општина не се наплаќале: данок на имот, комунална такса на фирма, такса за користење на музика во јавни локали, такса за истакнување на реклами и огласи на јавни места, а не се наплаќал ни надомест за уредување на градежно земјиште.
-Вината за неплаќањето на данокот на имот и на некои други давачки да не ја барате во жителите, зашто ако не било побарано да плаќаат. Одговорноста за ова е во претходното раководство на Општината кое не им го овозможило тоа, рече Ибраими.
Тој тогаш информира дека во тој период процесот на евиденција е веќе започнат и дотогаш биле регистрирани 2091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Голем проблем според Ибраими бил недостигот на кадар со кој се соочува оваа општина.
Според извештите, во оваа општина, на пример, воопшто не се наплаќа данок на имот за 2017, 2018, 2019 година… Така, останува прашањето што со овие долгови? Се чини, дека тие тешко ќе можат да бидат наплатени во ситуација кога општината не ги задолжувала граѓаните со плаќањето. Но, тоа, пак, го отвора прашањето за одговорноста на поранешното општинско раководство на чело со тогашната градоначалничка Миликие Халими.