Во август ќе се прогласи кризна состојба за да нема рестрикции во грејната сезона

Планираме во август да прогласиме кризна состојба во делот на електричната енергија за да  нема рестрикции во најтешката зима што не очекува, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.  На прес-конференцијата тој објасни дека ако се се одвива според планот не би требало да има рестрикции во снабднувањето со електичната енергија.

-Ние планираме како министерство за економија да ја ставиме во функција комисијата и во август да прогласиме кризна состојба во делот на електричната енергија. Во таа кризна состојба предвидени се и рестрикции, но ако нема забрана за увоз на електрична енергија во регионот како што беше случај еднаш со Бугарија, тогаш нема да има рестрикции за граѓаните, истакна Бектеши.

Според него, состојбата е сериозна и непредвидлива и не зависи само од нашата земја и од државите во регионот, туку зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина. Добра вест било тоа што почнало да има снабдување со природен гас но се прават напори да има и алтернативи на снабдување со природен гас и да се користи алтернативен енергенс со цел да работат топланите и индустриските капацитети, а и индустријата и домаќинствата да не останат без снабдување со електрична енергија. За таа намена веќе се набавува мазут, кој е единственото гориво на кое веднаш може да се префрлат топланите и индустриските капацитети а во солунското пристаниште е стигнат брод со мазут за потребите на земјава.

-Имајќи ја во предвид технологијата што го имаат нашите капацитети, и топланите, и електраните тие ако треба да се префрлат од природен гас може да одат само на мазут. И тоа е реалноста во нашата држава бидејќи такви капацитети имаме, рече Бектеши.

Бектеши објасни дека моменталната цена на електричната енергија на берзата ХУПЕКС е околу 420 евра за мегават час или речиси 10 пати поголема во споредба со цената од 48 евра за мегават час што ја нуди ЕСМ за домаќинствата и нагласи дека се очекува оти зимава ќе биде и околу 500 евра за мегават час.

-Третиот блок на РЕК Битола ќе биде ставен во функција на 1 октомври наместо на 15 ноември како што првично било планирано и оти за тоа се направени сите подготовки. РЕК Осломеј денеска ќе биде исклучен од системот за да се направат потребните ремонти и од септември да биде во функција, а следната недела ќе биде ставена во функција и една постројка во ТЕЦ Неготино. Доколку се договорат со стопанските комори ќе се активира и втората постројка во ТЕЦ Неготино од околу 90 мегавати која ќе работи само за потребите на индустријата. Зголемен е, како што кажа, и ископот на домашните капацитети за јаглен, а потпишани се и договори за континуирано снабдување со јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј со фирми од Грција и Албанија. Се очекува тоа да се направи и со фирма од Косово. Капацитетот на акумулациите е на ниво од 50 отсто што е за 20 отсто повисоко од лани, а хидро потенцијалите од почетокот на годинава се користат само за балансирање на системот и системски усогласувања, но не и за производство на електрична енергија. Се планира тоа да се прави до ноември со цел да се зачуваат капацитетите за зимата, рече министерот Бектеши.

Претходна вестПриведено лицето кое оштети 18 возила во катната гаража, ќе се гони по приватна тужба   
Следна вестСекој втор тестиран заразен: Од 1.613 тестови позитивни 779, починаа 4 лица