Во Берлин почна да се гради македонска црква „Свети Климент Охридски“

Денеска, во Берлин се изврши чинот на осветување на камен темелникот за нова црква од страна на неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г Стефан во сослужение со митрополитот на Европската епархија г. Пимен и митрополитот на Тетовско- гостиварската епархија г. Јосиф со многубројно свештенство од Европа.

-Денес, 15 септември 2024 Лето Господово, на празникот посветен на Св. мч. Мамант, св. Јован Постник и прав. Елеазар, се изврши осветување и поставување на камен теменик за изградба на православен храм, посветен на „Св. Климент Охридски”, во Берлин, Германија. Чинот на осветување го изврши Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска  Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на митрополитите: г. Пимен и г. Јосиф, и свештенослужители од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во време кога Претседател на СР Германија е г. Франк Валтер Штанмаер, Градоначалник на Берлин е г. Каи Вегнер, Парохиски свештеник е отец Оливер Новески, а црковниот одбор е предводен од г. Душко Лазаревски и г. Маран Трпчев, пишува во Повелбата за градбата.

Пред многубројните верници кои со задоволство го проследија чинот на осветување на камен темелникот на новиот објект, се организираше и богата културно – уметничка програма со музичката група „Доминанта“ и Ангел Стојкоски, а настап имаше и фолклорниот ансамбл „Македонско Сонце” од  Диселдорф.

Оваа црква ќе биде од огромно значење за македонските православни верници, бидејќи според неофицијалните податоци се претпоставува дека во Берлин и околината живеат околу 10.000 православни Македонци. Планот за изградба на црква е подготвен од страна на архитектот Елена Цонева и добиено е одобрение за градење од страна на надлежните институции во Берлин.

Претходна вестПратеникот Миле Талевски на состанок со вселенскиот патријарх Вартоломеј
Следна вестЃорѓиевски: Далеку сме од постапката да распишеме ДУП за Расадник, дотогаш градење нема да има!