Во Брисел со нож убиен полицаец, втор ранет…

При напад извршен со нож, еден полицаец загинал, а еден е ранет во Брисел. Полициска патрола била нападната синоќа околу 19:15 во близина на железничката станица во Брисел.

Според локалните медиуми, во нападот интервенирала друга полициска патрола која пукала кон напаѓачот за да го неутрализира. Двајцата нападнати полицајци и осомничениот биле пренесени во болница каде еден од полициските службеници им подлегнал на повредите.

Случајот го истражува Федералното обвинителство задолжено за тероризам бидејќи белгиските власти се сомневаат дека станува збор за терористички напад.

-Сомнежите се дека нападот е поврзан со тероризам. Тоа треба да биде потврдено во истрагата, изјавил портпаролот на државниот обвинител Ерик Ван Дјусе за „Си-ен-ен“.

Неколку медиуми објавија дека осомничениот при нападот извикувал „Алаху акбар“ што на арапски значи „Господ е голем“.

Весникот „Ле Соар“ објави дека осомничениот претходно во текот на вчерашниот дел отишол во полициска станица и рекол дека ќе ја нападне полицијата. Оттаму го однеле во болница на психијатриско вештачење, но потоа бил пуштен.

 

Претходна вестОпштина Центар издаде решение за отстранување на доградба на локал на улица „Македонија“
Следна вестМОН: Пропуштените часови поради лажните дојави за бомби да се надоместат до крајот на полугодието