Во Чаир главната улица „Х.Т.Карпош“ е преименувана во „Мајка Тереза“

Главната улица на Чаир „Христијан Тодоровски – Карпош, од вчера ќе го носи името на Мајка Тереза. Ова вчера го објави вицепремиерот Изет Меџити кој присуствуваше на откривањето на таблата со новото име на оваа сообраќајница.

– На 114-годишнината од раѓањето на хуманистката Мајка Тереза, гордо и со почит го инаугуриравме новото име на главната улица Чаир, која сега ќе го носи името на оваа голема албанска личност. Претходно оваа улица беше позната како „Христијан Тодоровски Карпош. Секој ден илјадници граѓани минуваат по оваа улица, а сега, со посебно чувство на гордост, ќе ја одбележат и почитуваат Мајка Тереза, претворајќи ја оваа улица во симбол на љубовта и хуманоста, објави Меџити на својот профил на Фејсбук.

На ова реагираше Јована Мојсоска од опозициската партија „Левица“.

-Избришан е уште еден народен херој… Трендот на бришење на меморијата на антифашистичката борба продолжува и со новата влада. Меџити се пофали дека ја преименува улицата која го носеше името на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош. Наивно е да се верува дека ова е случајно и дека не се работи за системско бришење на АСНОМ од колективната меморија – токму од оние кои ги глорифицираат балистичките идеи. Претходната влада од СДС и ДУИ ја избриша улицата „Втора македонска ударна бригада“, сегашната влада на ДПМНЕ и Вреди го избриша Христијан Тодоровски – Карпош, наведе Мојсковска.

Христијан Тодоровски – Карпош беше прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски – Питу). Тој бил убиен од бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.

Претходна вестМОН: Исплатени се наградите на менторите и учениците-медалисти на научни олимпијади што чекале и по две години
Следна вестПожарот на Галичица под контрола, гори кај селата Степанци и Црвена Вода