Нов, втор, случај на индиската варијанта на коронавирус, која се смета за најголемата причина за брзото ширење на епидемијата во Индија, е откриен во Грција, објавија денеска здравствените власти во таа земја.
Националната управа за јавно здравје (Еоди) објави дека позитивен примерок од варијантата што доминира во Индија е откриен по тестирање на 33-годишна жена која не е грчки државјанин, но живее во Атика, предградие на Атина.
Познато е дека таа патувала во Дубаи на 4 април. „Еоди“ објави дека жената имала негативен ПЦР-тест пред да замине од Дубаи.
„Еоди“ наведува дека случајот бил откриен како дел од рутинско масовно тестирање.
Во соопштението се вели и дека жената чувствувала симптоми, но не била хоспитализирана.
„Сега таа веќе не ги чувствува симптомите и периодот што мораше да го помине во карантин е завршен“, се вели во соопштението.
Првиот случај на индиската мутација во Грција беше потврден во петокот во градот Патра, на Пелопонез. Слично како и во вториот случај, лицето заразено со варијантата не покажало сериозни симптоми.
Сепак, заразениот со индискиот сој во Патра не патувал, ниту експертите можеле со сигурност да утврдат дека стапил во контакт со некој што имал коронавирус, што на случајот му дава доза на мистерија.
Индискиот вид на коронавирус, наречен Б.1.617.1, за прв пат беше изолиран во индискиот регион Махараштра. Индискиот здравствен систем е во колапс додека се обидува да се справи со бранот на инфекции кои во голема мера се препишуваат токму на оваа варијанта на вирусот.