Во исто време се борел и го правел Црешовото топче, Тодор Христов – Офицерчето…

Црешовото топче е еден од најпрепознатливите симболи на големото македонско Илинденското востание од 1903 година. Тоа е симбол на македонскиот пркос и решеност да се даде силен отпор на моќната турска армија.

Било направено од стебло на цреша, немало голема борбена вредност бидјеќи се распрснувало по само неколку испалени истрели, но, топчето имало друго, големо, значење – ги храбрело, им го подигнувало борбениот морал на македонските востаници.

Со Црешовото топче во историјата влегол и неговиот идеен творец, човек кој го направил идејниот нацрт како да изгледа топчето, по што правењето можело да започне. Тој херој и творец е Тодор Христов – Офицерчето. Овој македонски револуционер и велешки војвода на ТМРО, во таа 1903 година, кога избувнало Илинденското востание, имал само 20 години. Учествувал во нападот врз Крушево. Командувал со Седмиот (селски) востанички одред од 20 борци од селата Селце, Обршани и Вранче.

Тој предходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната, конакот… По освојувањето на градот бил именуван за раководител на леарниците за бомби во битолско и во Крушево. Освен тоа, во десетдневното траење на Крушевската република градот ја координирал градбата на фортификациските објекти за одбрана, но и нацртите за изработка на црешовото топче.

За жал, на крајот на востанието на 21 септември 1903 година заедно со 18 четници морал да води тешка борба во планината Виљач, во Скопско-Прешевската област. Таа битка му беше и последна на  Христов и на 11 други востаници. Но, споменот за човекот кој го дал животот за Македонија и кој го осмислил Црешовото топче останал во народот.

Претходна вестВо Струмица изгоре автомобил, пожарникарите имале отежнат пристап
Следна вестАкција на МВР: Се апсат дрвокрадци на Скопска Црна Гора