Граѓаните од денеска може да се релаксираат во новиот парк „Иднина”, лоциран на кружниот тек помеѓу урбаните заедници Кисела Вода и Припор, откако е и официјално е пуштен во употреба. Ова е првиот од седумте капитални проекти кои од денес па до недела ќе бидат отворени или отпочнати, во рамки на роденденското празнување на Општина Кисела Вода, а кои се одвиваат под слоганот “67 години моја Кисела Вода“.
Градоначалникот на оваа скопска општина Орце Ѓорѓиевски го изрази задоволството што само пред седум месеци, на ова место постоеше дива депонија.
– Во изминатиот период најпрво ја исчистивме депонијата, а потоа интензивно работевме на оплеменување на просторот и негово опремување со најразлични содржини, кои на нашите жители ќе им овозможат ова да биде нивното катче за релаксација, одмор и дружење. Резултатите се видливи. Покрај зеленилото, хортикултурното уредување, наесен ќе се насадат и дрвца, поставивме урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, а за најмладите изградивме детско игралиште, рече тој.
Вака уреден, паркот „Иднина” има за цел да го врати маалскиот живот кој некогаш тука постоел, но со многу современи услови.
Случувањата по повод роденденот на Општина Кисела Вода, продолжуваат и во наредните денови. Во рамки на истото, во среда, од 20 часот ќе започне и културното лето со забавна програма со голем број познати музички изведувачи.