Сомневањето дека во возилото се пренесува дрога била причина што е извршена заедничка контрола од страна на Царинската управа и Министерство за внатрешни работи на товарно моторно возило – комбе, соопшти денеска Царинската управа. Се наведува дека по контроката е утврдено дека во возилото нема наркотични средства.
-При дополнителна контрола од царинските инспектори констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Поради констатираните неправилности возилото е пломбирано и стоката е привремено задржана од страна на Царинската управа, соопшти Царинската управа.
Во соопштението се наведува дека по спроведената контрола, Царинската управа во соработка со надлежен јавен обвинител, ќе поднесе соодветна кривична пријава. Дополнително, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа започна постапка со цел да се утврди евентуална одговорност или одредени пропусти на царинските службеници кои ја царинеле стоката.
За овој случај од ВМРО-ДПМНЕ, денеска преку соопштение соопштија дека станува збор за скандал од стотици ијлади евра и велат дека во комбето се пренесувале 1.200 килограми скапи телефони.
-Комбе полно со скапи телефони, т.е. со пакети тешки 1 200 килограми е фатено на автопатот Петровец – Скопје откако веќе ја поминало Царината која евидентирала дека истото превезува друга стока, а не телефони. Да не била акцијата на полицијата 1 200 килограми скапи телефони ќе завршеле на црниот пазар, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Царинската управа апелира да не се шират непроверни информации.
-Апелираме, политичките партии да се воздржат од ширење на непроверени податоци и информации, што можат да наштетат на истрагата. Кога зборуваме за нула толеранција против криминалот и корупцијата, не зборуваме само за декларативни заложби, туку зборуваме за конкретни и веќе преземени чекори кои даваат видливи резултати. Само минатата година, имаме 30 отсто зголемен број на заплени и 60 проценти зголемен број на поднесени кривични пријави.
Директорот на Царинската управа Стефан Богоев за порталот „360 степени“ денеска потврди дека во комбето имало телефони но дека дел бил пријавен но дел не.
-Пратката стигнала на Царинската испостава, ја поминала контролата и додека возилото било во движење од Министерството за внатрешни работи беше побарано наша асистенција при контрола на комбето поради индиции дека во него се превезуваат наркотични средства. Во асистенцијата беше вклучено и царинско куче при што не беа најдени никакви наркотични средства. Но, цариниците утврдиле дека количината на стоката која била во комбето не соодветсвувала со таа во декларацијата. Затоа комбето е пломибирано и задржано на понатамошно постапување, изјави тој.
Според Богоев, не станува збор за шверц на телефони бидејќи како што вели тие биле пријавени, но соодносот и количините не се исти со тоа што е декларирано. Односно, дека целта на увозникот била да сокрие дел од количината на стоката за да плати помали давачки.
И во повеќе медиуми беше објавена неофицијална инфорамција дека во возилото биле пронајдени илјадници мобилни телефони и додатоци кои доаѓале од Дубаи, Истанбул за Скопје. Се смета дека вредноста на забранетата стока на локалниот пазар е тешка 1,2 тони и достигнува вредност до 3 милиони евра.