Во Македонија има 13.824 пациенти со епилепсија, потребно е да се разбијат некои митови за неа

Во Македонија има 13.824 пациенти кои боледуваат од епилепсија, а потребно е да се разбијат некои митови за пациентите со оваа болест. Ова во изјава за агенцијата МИА го вели д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје која додава дека епилепсијата ги зафаќа луѓето од сите возрасти и обата пола, но кај нас почеста е кај машките пациенти. Епилепсијата, според неа, најчесто се јавува во два пика, во детството – адолесценцијата и кај пациентите над 50 години.

Вели дека потребно е да се подигне свеста за оваа болест и дека денешниот датум – 26 март или Виолетовиот ден, претставува Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот.

– Митови се дека епилепсијата е ретка болест, дека ако сте имале еден напад значи дека имате епилепсија, дека епилепсијата е психолошка состојба и е форма на ментална болест и луѓето се емоционално нестабилни, дека сите напади се исти, дека лесно е да се каже кога нападот ќе се случи, дека дијагнозата на епилепсијата е едноставна, дека лицата со епилепсија се „епилептичари“ и луѓето со епилепсија не можат да се носат со висок притисок на работните места и со високи и сложени функции, дека мора да се родиш со епилепсија, дека таа претставува доживотно нарушување, дека за време на напад едно лице може да го проголта јазикот, дека епилепсијата не може ефикасно да се регулира, дека епилепсијата е заразна болест…. Сѐ што споменавме се само митови, нагласува Бабуновска.

Според неа, потребна е едукација и на населението за да знае како да се справи, доколку некој случаен минувач се здобие со епилептичен напад.

– Пациентот не треба да се остави сам во тек на нападот, препорачливо е оној кој е очевидец да остане до него, да се обезбеди просторот од објекти кои би го повредиле пациентот и најбитно е – да не се паничи. Потребно е да биде поставен во странична положба, да се стави нешто меко под главата и да не се ставаат предмети во устата, да не се извлекува јазикот, бидејќи тоа е мит дека јазикот може да се голтне. Значи доволно е да се остави во странична положба, да бидат слободни дишните патишта. Вообичаено нападите се само лимитирачки, но, доколку нападот трае повеќе од вообичаено, повеќе од пет минути или доколку нападите се повторуваат, да се повика Итна медицинска помош за пациентот да прими соодветна терапија и да биде пренесен во болница. Ние велиме, „тиме ис браин“, појаснува таа.

Таа додава дека пациентите со епилепсија треба да бидат прифатени од општеството бидејќи 2/3 од пациентите со епилепсија се добро контролирани со лекови против напади и тие може воопшто да немаат напади додека примаат терапија и можат нормално да функционираат во општеството и да се носат со одговорни функции.

Македонското невролошко здружение, Македонската лига против епилепсија и Универзитетската клиника по неврологија, ќе го одбележат овој ден, вечерва од 18 до 19 часот на плоштадот пред „Култура“ и од 19 до 20 часот, пред „Порта Македонија“, која ќе биде осветлена во виолетово, за што, Бабуновска се заблагодари на Одделението за урбана опрема при Град Скопје.

 

Претходна вест144 санкционирани возачи во Скопје
Следна вестСоветот за безбедност на ОН одби да разговара за агресијата на НАТО врз Југославија