Во македонските води се положува светиот крст, по него тргнуваат стотици верници

Бројни положувања на светиот крст во македонските води ширум земјава ќе се извршуваат денеска на Богојавление – Водици при што стотици верници ќе се обидат први да го фатат. Ова е традиционалниот начин на прославувањето на големиот христијански празник во Македонија кој обединува илјадници граѓани кои доаѓаат да му присуствуваат на свечениот чин на остветувањето на водите.

Најголемите манифестации традиционално се одржуваат во Охрид и во Скопје. Најмасовно и најспектакуларно е положувањето на крстот во водите на Охридското Езеро што ќе се изврши во 10 часот од градското пристаниште. Центарот на градот и пристаништето се украсени со зеленило, верски и државни знамиња, а возбудата се чувствува низ чаршијата и во секој дом на охриѓани, особено во стариот дел од каде што потекнува традицијата за положување на чесниот крст во езерото.

Од охридскиот Црвен крст упатија препораки до капачите да бидат внимателни, бидејќи температурата на водата е 8 степени, а на воздухот 9.

-Пред влегување во водите на Охридското Езеро да не се консумира алкохол. Никако, алкохолот ја намалува телесната температура неколкукратно. Пред влегување да внимаваат, да носат обувки на нозете и да не се задржуваат подолго од 3 минути, изјави Сашо Точков кој е претседател на Црвен крст-Охрид.

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, годинава се пријавени 157 граѓани кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која ќе чиноначалствува архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.

По завршување на литургијата, во 11:30 часот поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде околу 11:45 часот ќе започне „Водосветот“, а неколку минути по 12 часот, архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар.

Свечено ќе биде и во другите македонски градови и села каде што на овој ден се организираат вакви манифестации.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

И оваа година под покровителство на општина Бутел, Светиот Крст ќе се положува во водите на неколку локации: с.Љубанци на река “Љубанска”, со почеток во 10:00 часот, Црква “Св. Наум Охридски” во Радишани, со почеток во 10:45 часот, Црква “Раѓање на Свети Јован Крстител” во населбата Бутел 1, со почеток во 11:30 часот.

Општина Кисела Вода ја продолжува возобновената традиција за положување на Светиот Крст во осветените води, како дел од прославата на Водици. Настанот ќе се одржи во базенот ,,Расадник”, а манифестацијата започнува од храмот „Св. Ѓорѓија“ во 10:30 часот, од каде Богојавленска литија со верниците и свештенството ќе се упати кон базенот во Расадник. Осветувањето на водата и положувањето на Светиот Крст ќе се случи во 11:00 часот, а за најсреќниот учесник се обезбедени награди од градоначалникот и од повеќе спонзори.

Во Општина Ѓорче Петров осветување на водите ќе се одржи денеска на две места во Лепенец и Вардар. На Лепенец положување на крстот ќе се одржи во 11 часот кај последна 22-автобуска станица. Втората локација каде верниците ќе се обидат да го фатат крстот е мостот во Хром, со почеток во 12 часот.

Претходна вестЗапалил цело казино во Велес откако ги загубил сите пари на апарати, полицијата го приведе
Следна вестНАТО ќе мобилизира 90.000 војници, ќе вежбаат сценарија во случај на руски напад