Скопската општина Ѓорче Петров, се чини, станува се поатрактивна за изградба на станбени објекти. Ова го покажуваат денеска објавените податоци на Државен завод за статистика за издадените одобренија за градба на станови во Македонија во текот на март годинава.
-Илјада и тринаесет станови се предвидени за изградба со издадните 321 одобрение за градење во март годинава, а повеќе од половина од становите, 607, се во Скопскиот регион, покажуваат податоците на ДЗС.
Како што наведува ДЗС, од 607-те станови предвидени во Скопскиот регион, 487 се во Општина Ѓорче Петров, 44 во Општина Петровец, 43 во Општина Гази Баба, 19 во Општина Аеродром, а по четири стана во Центар и во Сопиште.
Бројот на одобренијата за градење во март годинава е за 22,7 проценти помалку во однос на истиот месец од лани. Најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион, 101, по што следуваат Полошкиот, 65, Југоисточниот, 41, Источниот 34, Југозападниот 25, Вардарскиот, 22, Пелагониски, 21. Со најмалку одобренија, 12, е Североисточниот регион. Од вкупниот број одобренија, 193 (60,1 процент) се наменети за објекти од високоградба, 56 (17,5 проценти) од нискоградба и 72 (22,4 проценти) за објекти за реконструкција.
На 200 објекти (62,3 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 121 (37,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.