Во видно помал број и мирно, група граѓани денеска протестраа против пресудите во случајот „Монструм“, организиран од роднините и пријателите на осудените за петкратното убиство кај Смилковското езеро.
Единствено што остана исто во споредба со претходните протести е декорот – албански знамиња, скандирања „УЧК“, „Диктатура“…
Протестната поворка тргна од паркот во Чаир, покрај трговскиот центар „Мавровка“ и пред Владата.
Поворката носеше големо албанско знаме и извикуваше: „Нема правда, нема мир“ и „И ние сме деца под сонцето, и ние сме народ“, извикуваа присутните на протестите.
На протестот беа истакнати и транспаренти, меѓу кои можеше да се збележи еден на англиски јазик, на кој е напишано: „Уставот на Северна Македонија ги нарушува етничките права на Албанците и мора да биде сменет“.
Има и транспарент со ликовите на обвинителките Фатиме Фетаи и Вилма Русковска, судијката Добрила Кацарска и државниот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, на кој на англиски пишува: „Северна Македонија со корумпирани судови и обвинители“.
Пред зградата на Владата, демонстрантите се пречекани со заштитна ограда обезбедена и големо полициски присуство.
-Ние, нашите семејства, не сме едуцирани да убиваме, а најмалку да направиме терористички чин. Ние го осудуваме овој чин, но не сакаме да нè најдат како случајна жртва за да понесеме одговорност, изјави Бедри Ајдари, еден од роднините на обвинетите, на еден од претходните протести за „Монструм“.
Три дена по изрекувањето на пресудата, на 26 февруари се одржаа насилни протести кои завршија со осуммина приведени и седум повредени припадници на полицијата. На протестите се фрлаа камења и други предмети кон полицискиот кордон, којшто го спречи движењето на демонстантите кон Кривичниот суд. Полицијата, пак, возврати со шок-бомби, а нападната беше и новинарска екипа.