Во моловите ќе се влегува, а од Mакедонија ќе се излегува без ковид-сертификати

Граѓаните на Македонија во моловите ќе влегуваат без да мораат да покажат ковид-сертификати, а тие нема да им бидат потребни ниту за излегување од државата. Ова синоќа го одлучи Владата на седница на кои беа прифатени предлозите на кризниот штаб за справување со КОВИД-19.

-И понатаму ќе остане обврската за задолжително носење заштитни маски за влез во моловите, додека обврска за задолжително поседување на КОВИД-19 сертификат останува за влез во угостителските објекти во составот на трговските центри, се наведува во соопштението.

Прифатен е и предлогот траењето на сертификатот за прележана болест од КОВИД-19, наместо досегашните 45 дена, да трае 180 дена, односно 6 месеци, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест. Дополнително, укината е и одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Истовремено Владата ја прифати и препораката бремените жени да се вакцинираат.

За целосното укинување на сертификатите, како и за тоа децата да не носат на маски во училиште, за што има многу барања и укажувања од експерти и родители, засега нема одлука ниту од Комисијата, ниту од Владата.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ повторно бара власта итно да ја намали за 50 отсто акцизата за горивата
Следна вестПовремено облачно и студено време