Цената на сертификатот за поседување голем семеен автомобил во Сингапур е рекордни 106.619 долари. Граѓаните кои сакаат да поседуваат автомобил мора да имаат дозвола за да можат да го купат. Сертификатите се продаваат на аукција на секои две недели, а властите го контролираат бројот на издадени дозволи.
Со даноците и увозните давачки, системот го направи Сингапур најскапата земја во светот за купување автомобил, пишува Би-Би-Си. Во 1990 година беше воведен систем на десетгодишни дозволи за сопственост на автомобили како мерка за намалување на метежот во сообраќајот.
Постојат различни видови дозволи за помали автомобили, мотоцикли и комерцијални возила. Цените особено пораснаа во периодот по пандемијата и оттогаш од месец во месец достигнуваат нови рекорди.
Најниската цена за дозвола на последната аукција беше 76.000 американски долари, речиси три пати повеќе од цената во 2020 година. Категоријата „отворено“, што подразбира дека нема ограничувања за намените за кои ќе се користи возилото, чини повеќе од 110.000 долари.