Во Пекинг: Србија и Кина потпишаа договор за слободна трговија, за…

Српскиот претседател Александар Вучиќ е во посета на Кина. Со него е и поголема делегација. Претставниците на Србија и Кина во Пекинг потпишаа неколку договори, меѓу кои и еден за слободна трговија.

Договорот, кој го потпишаа двајцата министри за трговија, беше потпишан во присуство на кинескиот лидер Си Џинпинг и на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој заедно со српската делегација учествува на третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“, кој се одржува во кинеската престолнина, пренесе агенцијата Бета.

Договорот подразбира намалување или укинување на царините за повеќе од 10.000 српски и 9.000 кинески производи.

Како што јави кинеската агенција „Ксинхуа“, Си ја нарече Србија „челичен пријател“ на Кина, додавајќи дека „двете земји ја подобрија соработката во областа на изградбата на инфраструктурата, со континуирано подобрување на длабочината, широчината, квалитетот и ефикасноста на соработката”.

Покрај договорот за слободна трговија, потпишан е и меморандум за размена и соработка во областа на политиката за економски развој, меморандум за заедничко подобрување на индустриската и инвестициската соработка, како и среднорочен акциски план за иницијативата „Појас и пат“.

Со компанијата „Huawei“ е потпишан и комерцијален договор за третата модернизација на фиксната мрежа на Телеком Србија, а се очекува да се потпише и договор за финансирање на третата фаза од модернизацијата на мрежата со Банката на Кина.

Инаку, во Пекинг е и рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Претходна вестПосебен режим на сообраќај утре во Скопје
Следна вестЛуксузните и старите возила ќе се оданочуваат со повисоки даноци зависно од тоа колку загадуваат