Со погребна поворка составена по повеќе мртовечки ковчези жителите на скопската населба Пржино вчера протестираа против новите градби на нивното подрачје. На ковчезите беа испишани натписите „вода“, „мир“, „здравје“, „сонце“ и „воздух“ во знак на револт против спорните градби во овој дел од градот.
Ова група граѓани живеат во делот на населбата каде што падна потпорниот ѕид по што покренаа петиција до Министерството за транспорт и врски за да укажат дека нема нивна согласност за градба во овој дел. Ваквиот потег на жителите од Пржино, како што велат, доаѓа откако одобренијата за градба на „Топ Метал“ во август беа укинати од градоначалникот на Општина Кисела Вода, а фирмата сега поднела жалба до Општината, која ќе оди во комисија во Министерството за транспорт и врски.
Пред две години на улицата „Пржино“ при изградба на спорен објект се урна потпорен ѕид. И тогаш 16 семејства потпишаа петиција до Министерството за транспорт и врски за да укажат дека нема нивна согласност за градба во овој дел.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода најпрво го поништил одобрението за градба на спорната зграда за компанијата „Топ метал“, а сега се чека на одговор од министерството каде што градежната компанија поднела жалба. За жителите Деталниот урбанистички план на општината е криминален и тие бараат жалбата на инвеститорот да се одбие.
-На нашата уличка од 16 семејства веќе има сообраќаен хаос, а што ќе се случува кога тука ќе се движат дополнително минимум 16 нови возила? Што ќе се случува со квалитетот на воздухот кога протокот на возила ќе биде најмалку четирипати зголемен бидејќи возилата ќе сообраќаат до крајот на слепата уличка во која не можат да се разминат две возила? Во моментот сите соседи имаат проблем со одлевање на фекалната вода по улици, подруми и дворови. Ни новоизградената атмосферска канализација не го реши проблемот. Во моментот постојано имаме прекини во водоснабдувањето и електричната енергија, кои предизвикуваат расипување на електричните апарати, бојлери, компјутери, греалки, проточни чешми. Прашуваме како овој планиран несразмерен објект на постојната изграденост и постојната канализациска, електрична и сообраќајна мрежа градена во 1960-тите ќе значи ‘рационално и одржливо користење на просторот’ и ‘заштита и унапредување на животната средина и природата’?“, велат жителите во петицијата до Министерството за транспорт и врски.
Тие бараат Министерството целосно да го потврди поништувањето на сите одобренија за спорната градба и да ја отфрли жалбата на градежникот како неоснована.