Речиси во секоја петта сообраќајна несреќа на подрачјето на Скопје, но и на целата земја учествувал моторџија. Односно, во околу 20 проценти од сите сообраќајки кои што се случиле минатата година, еден од учесниците бил и возач на мотор.
Ваков загрижувачки податок бил соопштен на неодамнешната средба која во МВР била оддржана меѓу Секторот за сообраќај и претставниците на Мотоциклистичката федерација и скопските мото клубови „Ноќни волци” и „Но лимит”. Целта било да се разменат мислењата за новодонесените измени во Законот за безбедност во сообраќајот како и за претстојната сезона на употреба на мотоциклите во пролетниот период.
-Беше соопштено дека податоците загрижуваат, дека има се поголем број на сообраќајки и дека мора да се преземаат сите мерки за да се намали бројот на вакви несреќи во кои што има и многу повредени и загинати лица, ни вели Дарко Гиговски, моторџија од клубот „No limit“ кој учествуваше на средбата.
Било кажано дека последниве години во градот е забележително зголемување на бројот на моторите. Посебно се зголемила бројката на полесните мотори – веспи и мопеди – со силина до 49 кубици, кои најмногу ги користат службите за испорака на храна или пак граѓани кои сакаат да паузираат со автомобилите во градскиот метеж.
-Голем проблем е што за управување со вакви лесни мотори не треба посебна возачка дозвола туку е доволно да имате положен возачки испит од „Б“ категорија. Тоа значи дека и недоволно искусни возачи може веднаш да седнат да ги возат, а тоа создава ризик, објаснува Гиговски.
Инаку, новите законски промени најмногу се однесуваат на можноста полицијата да може да одземе мотори и до 90 дена во случај да создаваат преголема бучава или прават други прекршоци.