Јужнокорејската компанија „Алмак“ и американската компанија „Дура аутомотив системс“ денеска во ТИРЗ 2 во Скопје започнаа со изградба на фабрика во која ќе се вработат 70 лица, со најниска бруто плата од 580 евра и највисока од 2.000 евра.
Ова денеска го кажа премиерот Зоран Заев кој беше на почетокот на промовирањето на ноата инвестиција во земјава.
Станува збор за инвестиција од околу 30 милиони евра кои ќе бидат вложени во изградба на современ објект во кој ќе се произведуваат лесни профили за автомобилската индустрија. Планирано е фабриката да се изгради на површина од 80 илјади квадратни метри и да почне со работа од следната година. Се очекува да се отворат над 70 работни места, а бруто платата за висококвалификуваните кадри ќе биде околу 2.000 евра.
Просечната бруто плата за најслабо квалификуваните кадри кои ќе работат во фабриката, како што посочи Заев, ќе биде 889 евра или просечна нето плата од 580 евра.
Изградбата ќе трае 12 месеци, објектот ќе биде со модерен дизајн на 80 илјади квадратни метри. Јужнокорејската компанија ја користи зелената електрична енергија во процесот на производство и 100 проценти ги рециклира остатоците при процесот на производство.