Во скопски ковид центри се лекуваат 703 пациенти, слободни 60 болнички легла

Во ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 65 пациенти а во нив вкупно се лекуваат 703 болни лица, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во информацијата се наведува дека бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

-Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 30 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 примени пациенти и 4 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен еден нов болен, а 8 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 10 пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 43 оздравени пациенти, се наведува во информацијата.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 313 пациенти, во ГОБ 8 Септември има вкупно 139 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 154 пациенти…

Инаку, во изминатите 24 часа  во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1036 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1739 и има околу 220 празни болнички кревети во ковид центрите.

Претходна вестПолиција затекнала млади на Тиквешко Езеро за време полициски час, ќе следи кривична пријава
Следна вестКај велешкиот мост „Гемиџии“ воз усмрти момче