Сезоната на пожари почна. Над 100-тина хектари веќе се пеплосани во тетовско, ама наместо справување и навремено гаснење, вчера надлежните обелоденија скандалозни информации. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов призна дека „ресурсите за гаснење се лимитирани“ , а додека тој на Дирекцијата за заштита и спасување, Бесим Максути, дека „канадерите не се сервисираат на време, па не се во функција“.
Кој е виновен што хеликоптерите нема да може да не спасат ако пожарите експресно се рашират? Ангелов спас бара апелирајќи им на граѓаните да внимаваат како се однесуваат во природата, оти 90 отсто од пожарите биле заради човечки фактор.
-Ги повикуваме сите граѓани да пријават опасност, односно да пријават пожар доколку го забележат на било кое место, веднаш да се јават на бројот 195, тоа е бројот на центарот за управување со кризи, или на бројот 193. Можност за одоговор на пожари, односно можностите за гаснење се лимитирани, рече Ангелов.
Подетално објасни директорот на дирекцијата за заштита и спасување, даде уште пошокантни информации:
-Тие не се сервисираат во земјата, а би сакал да споделам дека уште пострашно е што во досегашната пракса се појавува само еден оператор кој од година во година ни ги зголемува побарувањата, кои се надвор од буџетските средства кои Дирекцијата ги има. Ние секоја година од операторот добиваме поголемо побарување за 30 до 40 отсто. Ни одат премногу средства, а не добиваме навреме сервисирани и готови авиони за гаснење пожар, вели Максути во интервју за Радио Слободна Европа.
Кој е споменатиот оператор? Ако директорите даваат вакви скандалозни признанија зошто надлежните во Влада не преземаат ништо? Зошто директорите не чувствуваат одговорност, па дури во ситуација на присилба заради опасноста од пожарите, проговорија? Зарем дури во декември ќе се приспособат за гаснење канадерите, кога нема ни да има потреба?
Прашања има уште многу, недостасуваат одговори и одговорност, како и вообичаено…