Во Центар сменет ДУП-от за „Дом на градежници“ – наместо зграда ќе има парк, од асфалт куртули детско игралиште…

Изградба на парк наместо станбена зграда, повеќе парковско зеленило, сочувување на детското игралиште на локацијата која се предвидуваше да стане паркинг… само се дел од промените направени во новиот Детален урбанистички план за ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници. Советот на општина Центар денеска го изгласа овој ДУП кој во однос на досегашниот има поголеми заложби за зазеленување на просторот. Се работи за градска четврт која во голем дел е реализирана и голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба.

-Во споредба со стариот ДУП кој предвидува 4043 метри квадратни парковско зеленило, новиот план има вкупно 5889 метри квадратни парковско зеленило, со што речиси 13 проценти од површината на четвртта е под парковско зеленило. Наместо да се проширува, евидентиран е постојниот паркинг и задржан е во сегашната состојба, а зголемен е процентот на зеленило и дрвореди, информира општина Центар.

Наместо како што стариот план предвидува, изградба на паркинг на веќе постоечко детско игралиште, детското игралиште со површина од 408 метри квадратни во новиот план е зачувано, како и постојниот паркинг околу него, наместо изведба на паркинг на целата површина. Согласно новиот план, сите нови објекти мора да го обезбедат неопходниот број паркинг места во своја парцела.

-Избришан е еден објект за колективно домување кој според стариот план би се градел на државно земјиште, а во новиот план заменет е со локален парк од 262 метри квадратни и пешачка патека. Стариот план предвидува заеднички подземен паркинг за дел од парцелите, воедно предвидена е пристапна улица на местото на пешачката патека „Кај Маршалот“. Со новиот план секој објект треба засебно да предвиди паркирање, се потенцира во информацијата. 

Претходна вестМВР уапси четворица од „Јавна соба“, членовите се префрлуваат во друга група
Следна вестМицкоски: По вакво рангирање за корупцијата треба цела Влада да си замине