Во Врховен суд недостасуваат десет судии, во апелационите вкупно 49…

Повеќе од шеесетина судии недостасуваат во Врховен суд, Виш управен и четирите апелациони судови низ земјава, покажала анализата на Судскиот совет. Според анализата во Врховен недостигаат десет судии, во Виш управен суд четири судии, во Апелационен суд Скопје 36 судии, во Апелационен суд Битола седум, во Апелационен суд Гостивар два и во Апелационен суд Штип четворица судии. Претседателката на работната група која што ја изработи анализата за потребата на судии и судски службеници по судовите, Весна Дамева, нагласи дека утврдената бројка на потребни судии е врз основа на обемот на работа, без да се земат предвид заминувањата во пензија.

Во Врховен суд во моментот по систематизација од 28 пополнети се 16 судиски места, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата. Работната група смета дека оптимален број за навремено и ажурно постапување е 26 судии, вклучително и претседателот.

Виш управен суд, по систематизација од 13, пополнети се осум места. Работната група смета дека оптимален број е 12 судии, вклучително и претседателот на суд.

Во Апелационен суд Скопје, од предвидените по систематизација 52 судии, во моментот има 30, од кои на двајца им мирува судиската функција и се избрани за судии во Уставен суд. Работната група смета дека оптимален број за навремено постапување е 66 судии.

Во Апелационен суд Битола, од предвидените 25 по систематизација, во моментот има 13 судии, од кои еден е претседател и на еден му мирува судиската функција. Работната група смета дека оптимален број е 20 судии, вклучително претседателот на судот.

Апелационен суд Гостивар, од предвидените 16 по систематизација, има 14, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата, бидејќи е избран за член на Судски совет. Работната група смета дека оптимален број е 16 судии, вклучително и претседателот.

Апелационен суд Штип, од предвидените по систематизација 16, во моментот има осум судии. Работната група смета дека оптимален број за совладување на бројот на предмети е 12 судии, вклучително и претседателот на судот.

Согласно стратегијата на Судски совет, анализата потоа треба да се користи и при изработка на нова судска мрежа на територијата на целата држава. Судскиот совет извештајот од анализата го усвои со десет гласа „за“ и еден „против“.

Претходна вестРуски медиуми: Главниот командант на Црноморската флота е жив и здрав, седи до Шојгу
Следна вестУтре почнува фестивалот на детски театри „Игор Маџиров“