Владата на седница во вторник ќе ги ревидира цените на 11-те видови овошје и зеленчук за кои претходно донесе одлука да бидат замрзнат до крајот на месецов, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, може да се очекува мало зголемување на цените на доматите и на краставиците, но ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм.
-Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, рече Бектеши.
Ова се прави врз основа на новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа. Увозниците, прецизира министерот, генерално пријавуваат малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците.
– Денешните податоци покажуваат мало зголемување на увозните декларации на некои производи и би требало следствено на тоа да се коригираат и цените кои се наведени во одлуката. Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска. Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената, изјави Бектеши по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.
Тој додаде дека увозниците во изминатиот период, особено во последните месеци, давале други фактури на нашата царина, а други имале при купување на производите од земјите од регионот.
-Со ова направиле нелојална конкуренција на домашните производители поради придобивките од царинските давачки кои не важат само за земјите од ЦЕФТА, вклучително и Албанија и Србија, туку и за другите бидејќи за овошјето и зеленчукот имаме царина, покрај данокот само 5 отсто од ДДВ и сакале да ги избегнат царинските давачки“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Министерот најави дека ќе се праават контроли на направениот увоз во последните месеци и додаде дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.
– Затајување на данок над 10 илјади евра е кривично дело и јас очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности, рече Бектеши.