Во „Жан Митрев“ потврдени уште два случаи со делта-сојот, сите невакцинирани

Уште два случаи на делта-сојот на коронавирусот вчера биле потврдени во лабораторијата на приватната клиника „Жан Митрев“ од каде преку соопштение предупредуваат дека се шири новата варијанта на ковид-19.

Од Клиниката не споделуваат детали за пациентите, но докторот Горан Кунгуловски од оваа Лабораторија на социјалните мрежи сподели дека станува збор за невакцинирани пациенти, како и дека се чекаат резултатите за уште четворица.

Покрај овие два случаи, претходно во текот на денот, министерот за здравство, Венко Филипче, објави дека во земјава е регистриран уште еден случај кај пациент од Велес, со што бројот на потврдени случаи сега е четири и оти се чекаат резултатите за други четворица сомнителни.

Од Министерството за здравство предмалку во соопштение потеницираа дека сите заразени не биле вакцинирани.

-Ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид 19. По направените анкети со пациентите утврдено е дека  никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани. Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за  пациент, кој 8-9 дена откако појавил симптоми на Ковид 19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација. Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот, велат од МЗ.

Првиот случај на индиската мутација во земјава беше регистриран пред еден месец кај патник од Ирак, кој десетина дена бил хоспитализиран во болница. Потоа имаше уште два случаи кај пациенти кои претходно патувале во Виена.

Претходна вестСкопје ја почна постапката за кандидатурата за Европска престолнина на културата за 2028
Следна вестЕднократна владина помош за туристички водичи, организатори на настани, фото и фитнес студија, игротеки…