Водно на чекор од заштитено подрачје од петта категорија – што значи тоа?

Владата на последната седница донесе и Одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од петта категорија.

Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа, соопштија денеска портпаролит на прес-конференција.

Нашиот закон за заштита на природата издвоил шест категории на заштитени зони, што значи Водно е ставено во петта фиока. На претпоследно место! И затоа невладините како „Го сакам Водно “ и „О2 коалиција“, кои се состанаа со владини претставници за да дадат предлози како навистина треба да се заштити еден планински појас, не се многу оптимисти со таквото решение.

Накусо кажано оваа категорија предвидува хармонија меѓу тоа што е изградено и природата. И токму заради тоа невладините организации не се воопшто оптимисти. Тие предупредија дека во Студијата на Град Скопје од претходно заштитена и декларирана површина на парк шума од над 4.500 хектари, таа се намалува на 3.992,5 хектари. Планот на институциите е да се заштити само биодивиерзитетот на Водно, но не и да се спречи урбанизацијата. Според екологистите, со одлуката се дозволува на 40 проценти од заштитеното Водно повторно да никнат нови градби.

Кога кон ова ќе се додаде трасата на гасоводот, кој веќе проголта голем зелен појас, скопјани и пошироката јавност гледаат неизвесна иднина за белите дробови на Скопје.

Претходна вестВчерашното невреме откорна десетина дрвја, „настрадаа“ два автомобила во Центар
Следна вестВо Скопје ќе се гради фабрика за 70 вработени и плати од 600 до 2.000 евра