Воено злосторство не застарува, а што ќе напраат со други недела направени до денес?

Колумна на Владимир Величковски:

 Во луѓето има голем замор и резигнација, не кај сите зашто товарот на грдата стварност им е претежок. Што може да се очекува од човек кој е смачкан од сиромаштија и неправди, од целосна партизација на институциите (и од културата) која не им остава простор за хуман живот… . Сите ни забележуваат за високата корупција и криминалот кои ги намалуваат шансите да се наречеме нормална држава со прогресивни настојувања во која власта одговорно ќе ги гради и одржува темелните вредности и потреби на државата. Раскарани и поделени секогаш ќе го чекаме спасителот од надвор кој ќе ни ги реши сите проблеми. На сите црнила ја додаваме и состојбата на апартхејд. Притиснати од сите страни мораме да ја подигнеме главата, да се почувствува сигурноста дека сме свои на своето, инаку лесно ќе констатираме пораз и голем македонски пад.

Предизборниот период ги подзагрева сите недоразбирања и лоши страни на животот. Стана вообичаено да видиме питачи, во лоша состојба или човек испружен на улица, а да не знаеме дали е жив. Во градот се случуваат и мафијашки престрелки или убиства, како и меѓу закрвени соседи. Состојбите на страв, на омраза и одмаздољувост се наше секојдневие. Не сме изненадени кога ќе видиме, медиумски пренесена сцена на насилство: како ученици тепаат ученичка пред публика и сеирџии. Кој стои зад мобилката (така комуницираат луѓето) и снима: треба тоа да се забележи, некој можеби ужива во таквиот чин. Камерите се потребни за контрола на сообраќајот затоа што има многу несреќи како и за безбедноста на одделни институции.

Приватното станува јавно, се поделивме на богати и сиромашни, на прозападни и происточни, остро според етничка припадност. Долго време ги слушавме незаконски прислушуваните разговори, селективно бомбастично најавувани. Сето тоа за пуста власт и владеење со луѓето. Кој, и како ќе реагира на ваква случка затоа што секому тоа може да му се случи затоа што прво треба да се загрижиме за распаѓањето на семејствата, за разнишаното образование и поткупливоста на институциите задолжени за грижа за младите подложни на разни зависности.

Веднаш се појави позната фотографија, од 2001 година на една од жртвите во случајот „Мавровски работници“, чиј грб е директно со нож изрезбарен (не ќе е перформанс на самоповредување): дело на терористи кои побрзаа да ги редефинираат како „ослободители“. Дел од ОНА-УЧК и денес слободно делува во суверена Македонија, а некои се и на високи државни позиции, руинирајќи ги мошне организирано државните институции. Беа амнестирани, ама денес комесарот за за човекови права на Советот на Европа бара од македонската влада да се истражат досиејата од Хашкиот трибунал. Ниту едно воено злосторство не застарува, а што ќе напраат со многу други недела направени до денес? Дали тоа ќе значи прочистување и во интерес на подобри меѓуетнички односи? Каков претседате и премиер посакувам? Човек, маж или жена со знаење и искуство, само да не држат професорски предавања!

Претходна вестНе ги бива да направат гасификација, ама ги бива со странци да договараат гасни централи
Следна вестЛош сум за математика, добар сум за боречки вештини и ефикасно работење