Јордан Ѓоргиев кој со автомобил пред три месеци стори тешка сообраќајка кај „Сити мол“ во Скопје, во која девојка го загуби животот, ја призна вината. Тој пред судијката Љубинка Башевска кажа дека се чувствува виновен.
-Се чувствувам виновен, многу се каам. Свесно го давам признанието. Никој не ме уценувал. Јасно ми е дека ќе следи санкција, дека ќе ги платам трошоците за постапката, како и имотно правните побарувања, кажа Ѓоргиев.
Нему му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Адвокатот кој го застапува возачот Ѓоргиев, предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние кои се важни за одредување на висината на казната. Судијката Башевска тоа го прифати, бидејќи обвинетиот призна вина.
За потсетување, во несреќата на 20-ти јануари оваа година загина Викторија Николова, 24-годишна радовишанка. Таа со својот партнер поминувала на пешачки премин. Ѓоргиев со возилото ја удрил Викторија и ја отфрлил 20-тина метри по што таа починала.