Воздухот во Скопје пак нездрав за дишење, утрово девети најзагаден град во светот

Воздухот во Скопје утрово е пак прекумерно загаден и нездрав за дишење. Ова го покажуваат и двете најпознати интернет страници кои го мерат загадувањето на воздухот во светските метрополи. Така, според интернет – страницата iqair.com македонската меторопола утрово после 8 часот е на девето место во светот според присутноста на опасните честички во воздухот. Индексот на загадувањето е 165, а најприсутни се опасните честички ПМ2,5 со концентрација 82,1 микрограм на кубен метар воздух.

-Воздухот е нездрав за дишење. Се препорачува носење на заштитни маски, да не се вежба надвор, а прозорците по домовите да се држат затворени, препорака е која што може да се прочита на оваа веб-страница.

Прекумерно загадување покажува и интернет-страницата waqi.info. И на неа во овој утрински период има предупредување дека воздухот во Скопје е нездрав за дишење. Најголема измерена концдентрација на штетни честички е на булеварот „Трета македонска бригада“ во скопската општина Аеродром – 161. Прекумерно загадување има и на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда – 158, како и на булеварот „Кочо Рацин“ во центарот на градот – 150.

Метрополата со осмото место и синоќа беше меѓу 10 најзагадени градови во светот, а најлошо беше во населбата Лисиче со концентрација од 233 микрограми на штетните честички во воздухот.

Ова е ново прекумерно загадување, по серија на слични денови во изминативе недели. Дали нездравиот воздух ќе ги поттикне надлежните да преземат нешто или тие ќе чекаат да дувне некој ветер за да го расчисти воздухот, останува да се види.

Претходна вестДа се радуваме, власта обезбедила пари и ќе ја направи пругата кон Бугарија
Следна вестАпасиев и Крмов поднесоа кривична пријава против Талат Џафери, најавија уште најмалку три