Вработените во културата не добија плата, од утре излегуваат на протести

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие излегуваат на протести пред Министерството за култура, со можност да се протестира и пред Министерството за финансии. Ќе протестираат сè додека не им биде исплатена платата на сите работници. Вработените во културата алармираат дека за некој ден, освен без плата, ќе останат и без здравствено осигурување.

-Пред точно 18 дена на ова исто место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации меѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата за март ќе биде исплатена со досега највисоко усогласување од 12 отсто за денес сите да сме согласни дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред 6 месеци. И, денес, на 18 април, плата за март сè уште нема. Да биде целата ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска, пренесува Макфакс.

Покрај протестите Атанасовска извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.

Претседателката рече дека утрово ја побарале од кабинетот на министерката за култура за да ѝ јават дека попладнево треба да оди на состанок во Министерството за финансии, а вработени во Министерството за култура истовремено се јавувале во културните институции и им кажувале да прифатат да се исплати платата без усогласувањето. Атанасовска денес пред Министерството за култура постави низа прашања за неисплатената плата и најава за состанок во Министерството за култура.

-Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата во согласност со законите и договорите? Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние што се посветени на уметноста и на културата туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции. Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партиите или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети? Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана култура работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк, рече Атанасовска.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, им даде безрезерва поддршка на културните работници и ја повика министерката уште денес да ја исплати неисплатената плата за март.

 

Претходна вестМаксим Димитриевски: Предвидуваме исплата на 13-та пензија
Следна вестАхмети: Идниот претседател да биде избран со мнозинство парламентарци, со принципот на Бадентер