Незадоволството на вработените во Министерството за финансии поради тоа што се уште немаат покачување на платата од 30 проценити е се „погласно“. Од Синдикатот на Министерството, преку соопштение упатуваат предупредување за масовен штрајк доколку, како што велат, и тие како и некои министерства не го добијат покачувањето кое им следува со закон.
Оттаму појаснуваат, дека пред извесен временски период е донесен Закон за буџети со политички консензус од сите пратенички групи со кој се предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството за 30%. Одредбата од чл.66 во Законот, како што додаваат е јасна, таа предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството.
Мнистерот за финансии Фатмир Бесими пак, тврди дека тоа покачување се однесува само за определен сектор – Сектор за буџети, а не за сите вработени.
Сепак, од синдикатот упатија остра реакција на оваа одлука на Бесими.
– Ова е огромен скандал каде што зад очите на јавноста, без консултации со вработените и синдикатите сакаат да го скратат она покачување што законски ни следува на сите вработени во Министерството. Во таа насока на денешната седница на Законодавно-правната комисија, владата сака да прошверцува автентично толкување на одредбата од чл.66 од Законот, со кој што сака да го ограничи правото на покачување само на дел од вработените, се вели во соопштението на Синдикатот на вработените во Министерството за финансии.
Оттаму за крај додаваат дека се децидни во одлуката – доколку не се зголемат платите на сите вработени во Министерството како што предвидува Законот, тие како вработени ќе пристапат кон масовни штрајкови.